Претседателот на ЗЕЛС ги повика општините за финансиска помош за погодените од земјотресот во Турција и Сирија

Со длабоко жалење и вознемиреност ја примив ужасната вест за разорниот земјотрес што ги погоди граѓаните на Република Турција и Сирија. Во овие исклучително тешки и тажни моменти за нив, за семејствата на загинатите и повредените, од мое лично име, како и од име на сите општини во ЗЕЛС и нивните граѓани, упатувам искрено сочувство, напиша градоначалникот на општина Кисела вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Георгиевски.

„И Македонија во својата историја памети човечки загуби и огромни материјални штети од природни катастрофи. Ја памети и помошта и топлината на подадената рака во моментите кога и’биле најпотребни. Во вакви моменти сите треба да се потсетиме дека не можеме против природните катастрофи со трагичен епилог, но можеме со хуманост и солидарност да помогнеме. Оттука, како Претседател на ЗЕЛС, апелирам за солидарност до градоначалниците на сите општини во Република Македонија. Сега е момент кога секој, согласно своите финансиски можности треба да ја покаже својата благородност и на дело да докаже дека хуманоста и солидарноста со кои не’опишуваат биле и остануваат наша движечка сила! Самиот, како градоначалник на Општина Кисела Вода, веќе поднесов иницијатива до Советот за обезбедување на финансиска помош од 500.000,00 денари за погоденото население од Турција и Сирија. Остваривме контакт и со Амбасадата на Република Турција во Македонија, на која понудивме поддршка и од друг тип. Од таму дополнително ќе бидеме известени околу конкретните потреби па ќе излеземе со адекватна помош за семејствата погодени од разорниот земјотрес“, истакна Георгиевски.

„Се надевам и силно верувам дека овој чекор ќе го следат сите останати градоначалници. Искрено и од срце посакуваме брзо заздравување на повредените, а овие земји што поскоро да ги санираат погодените места од разорниот земјотрес, додаде тој.