Претседателот Пендаровски најави официјална посета на Софија и средба со Радев

Двајцата претседатели разговараа за најновиот развој на билатералните односи меѓу двете соседни држави во светло на неодамнешната посета на претседателот на Владата на Бугарија на Скопје, како и претстојните активности во Софија.

По првата средба Ковачевски-Петков, и македонскиот претседател Стево Пендаровски најавува дека ќе отпатува на официјална посета на Софија на средба со неговиот колега Румен Радев за интензивирање на комуникацијата на највисоко ниво во претстојниот период. Најавата пристигна од Вила Водно од каде што соопштија дека двајцата претседатели денеска имале телефонски разговор по повод новиот мандат на Радев.

-Двајцата претседатели разговараа за најновиот развој на билатералните односи меѓу двете соседни држави во светло на неодамнешната посета на претседателот на Владата на Бугарија на Скопје, како и претстојните активности во Софија. Претседателот Пендаровски го поздрави воспоставениот дијалог меѓу двете влади и ја истакна подготвеноста на Македонија за негово интензивирање во наредниот период. – Кабинет на претседателот Пендаровски.

Во пресрет на најавената меѓувладина седница која ќе се одржи во Софија во вторник, од македонската Влада уверуваат дека одат подготвени со конкретни предлози, договори и меморандуми за соработка. Веќе ги формираа тимовите на заедничките работни групи кои претходно ги договорија Ковачевски и Петков. Вкупно ќе има четири тела: едно за економија трговија и иновации, друг тим за инфраструктура, транспорт и поврзување, работна група за европска интеграција и зелени политики, и уште една за култура, наука и образование. Премиерот Ковачевски во синоќешното “Само интервју” рече дека во нив нема да членуваат само политичари, а успехот ќе се мери по спроведување на договорените проекти.

-Целта на Владата е во работните групи, чијашто работата ќе се одвива практично на неделно ниво, да не бидат вклучени само политичари, туку и деловните заедници, стопанските комори и претставници на универзитетите и на младински организации, кои што можат да дадат придонес во зајакнувањето на добрососедските односи. – Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Првата средба на новите премиер во Скопје заврши со конкретен договор за краткото име на државата, што беше едно од барањата на Софија од пакетот 5+1. Премиерот вели дека останатите прашања ќе се решаваат во пакет.

-Односите беа на многу ниско ниво. Постојано доаѓаа негативни пораки и од Р. Бугарија и од кај нас од различни пропагандисти, во однос на односите меѓу двете држави. Сите други прашања остануваат во тој пакет за решавање.

– Ќе се дојде до јуни, и пак тогаш ќе биде прашањето дали останува ветото или не…

– Ако се дојде до јуни, ќе се дојде и до јули и јас се надевам дека и во јуни и во јули ќе имаме многу подобри односи со Р. Бугарија и ќе бидеме на чекор до решавање на отворените прашања кои ги имаме со нив. – Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Ковачевски уверува дека ќе се почитува резолуцијата за црвените линии изгласана од Собранието, а чекорите кои ги презема нема нема да наштетат на националните интереси. Прашањето за вметнување на бугарското малцинство во македонскиот Устав премиерот вели е процедура на уставни измени која трае, а доколку дојде до тоа- ќе се направи низ дијалог и широк консензус во земјава.