Претседавачот на ЕБА: Комбинацијата на мерки на НБРМ и другите централни банки, вродија со плод

Комбинацијата од монетарното затегнување и макропрудентните мерки, која Народната банка, како и останатите централни банки ја применија, е неопходна како одговор на инфлациските притисоци со кои во последно време се соочуваме, посочи во интервју за “Независен”, Хозе Мануел Кампа, претседавач на Европскиот банкарски одбор-ЕБА.

Претседавачот Кампа истакнува дека централните банки ширум светот, вклучително и во ЕУ, го усвоија овој двоен пристап за да обезбедат финансиска стабилност. “Преку покачувањето на каматните стапки, централните банки директно се соочуваат со инфлацијата, додека макропрудентните мерки, како што е зголемувањето на капиталните побарувања или стрес-тестирањето, им помагаат на банките да останат отпорни во соочувањето со економските шокови”, вели Кампа и нагласува дека треба да се постави рамнотежа помеѓу одржувањето на ценовната стабилност и гаранциите дека банкарскиот сектор може соодветно да ги поддржи нашите економии. “Макропрудентните мерки се гаранција дека банките имаат доволно капитал да ги апсорбираат загубите од нефункционалните кредити и да го одржат кредитниот тек, кој што е клучен за економското закрепнување”, вели Кампа.

Претседавачот на ЕБА истакнува дека воведените мерки вродија со плод бидејќи видовме пад на инфлацијата под таргетот од 2% во ЕУ. “Иако ова е позитивен знак, сепак мора да останеме внимателни. ЕБА продолжува тесно да соработува со централните банки и државните органи за да го процени влијанието на овие мерки и да се осигура дека банкарскиот сектор останува истовремено отпорен и способен да ја поддржи пошироката економија”, посочува Кампа.

Европскиот банкарски одбор (ЕБА – European banking authority), е независен орган на ЕУ чија улога е заштита на интегритетот и робусноста на банкарскиот сектор на ЕУ за поддршка на финансиската стабилност во ЕУ. Претседавачот на ЕБА, Хозе Мануел Кампа, беше учесник на Десеттата меѓународна конференција на Народната банка, која како централна тема ја имаше работата на централните банки во сегашниот предизвикувачки амбиент.