Дваесеттиот ден од 60-тото издание на „Охридско лето“ носи две интересни содржини – претставата „Човек ѕвер и доблест“ на Театар Комедија во драмскиот и концерт на пијанистката Марија Ѓошевска во музичкиот дел од фестивалската програма.
Театарската претстава „Човек ѕвер и доблест“ на авторот Луиџи Пирандело е режисерска поставка на Егон Савин, кој за авторот ќе рече дека долго пишувал поминувајќи ги сите фази – од натурализам преку експресионизам и футуризам до авангарда – но во сите свои дела тој секогаш се занимава со „кризата на моралот“.
– Лагата и лицемерството е невозможно човековиот однос да го измери, не постои човек што не посегнал по лагата за да ги прикрие своите пороци и слабости. Пиранделовата лична и литерарна слобода се состои во тоа работите да ги нарекува со свое име. Во современиот театар има изобилство претстави кои зборуваат за човекот кој се конфронтира со власта, полицијата, војската, бирократијата… Но што се случува со човекот кој е загрозен од своите сакани, од оние што му се најблиски? Семејната драма е најдобра драма. Секогаш неочекувана, никогаш отворена, секогаш мимикрирана, маскирана со ритуалите на семејниот живот. Понекогаш оваа игра има маска на пријателство, нежност, еротска љубов, грижа и пожртвуваност. Овие „маски“, овие ритуали на секојдневниот живот им овозможуваат на луѓето колку-толку поднослив живот, без крв. Таквиот живот по одредено време резултира со презир и омраза кон себеси, резултира со меланхолија, со лудило, вели режисерот Eгон Савин, инаку редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Савин има режирано околу стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела бивша Југославија, како и во Унгарија и во Италија. Неговите претстави се играат насекаде низ светот, а добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија.
Претставата „Човек, ѕвер и доблест“ е трета негова поставка во Македонија, покрај претставите „Злосторство и казна“ и „Лаж и Паралаж“ во изведба на МНТ.
Улогите во претставата ги толкуваат Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска.
Претставата ќе се игра на големата сцена на Долни Сарај со почеток од 22 часот.
Два часа претходно во „Света Софија“ солистички концерт ќе одржи Марија Ѓошевска, една од најистакнатите пијанистки во земјата.
Критиката вели дека секој нејзин настап само ја потврдува констатацијата дека во Ѓошевска македонската музичка сцена добива пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност.
Ѓошевска музичкото образование го започнува во Неготино во класата на проф.Камелија Кулакова, а средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” во класата на проф.Снежана Анастасова – Чадиковска. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф.Борис Романов.
Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето”, „Скопско лето”, „Интерфест” – Битола, “Хераклејски вечери” – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р.Северна Македонија, а значајни се и концертите со Дубровничкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др.
Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Член е на камерното трио „ВАМ“ со виолинистот Владимир Костов и челистот Александар Котевски, а како пијано дуо соработува со Елена Атанасовска -Ивановска.
Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2009 до 2011 година учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Северна Македонија. Во 2016 г. Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Р. С. Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.
Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Северна Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Северна Македонија.
На програмата на концертот се дела за пијано на Шопен, Манчев, Равел.