Претставени засилувањата на ЖРК Вардар СЦБТ

Македонскиот женски ракометен шампион, ЖРК Вардар СЦБТ, денес ги претстави новите засилувања кои Индира Кастратовиќ ќе ги има на располагање за следната сезона, а кои значително ќе го подобрат квалитетот на и онака силниот тим кој веќе го има нашиот шампион и третопласиран тим од последното учество во ЛШ.

Со Андреа Пенезиќ и Барбара Лазовиќ кои дојдоа од Крим, Ања Алтхаус од Турингер, и руските интернационалки Олга Черноиваненко и Алена Ихнева кои пристигнаа од рускиот клуб Лада, тимот на ЖРК Вардар ќе се обиде да атакува на трофејот во Лигата на шампионите, што би било повторување на успехот од играчките денови на тренерот Индира Кастратовиќ, кога со Кометал успеа да се искачи на тронот на ракометна Европа.

„Атмосферата во екипата е одлична, а знам дека дојдов во голем клуб. Се надевам дека добро ќе се вклопам во тимот и дека ќе го дадам својот максимум за остварување на нашите цели. А тие се високи, за трофејот во Лигата на шампионите“, изјави Андреа Пенезиќ.

Барбара Лазовиќ вели дека новите ракометарки се одлично прифатени во новата средина.

“Имам убави впечатоци за Скопје, а ракометарките добро ме прифатија. Не чувствувам притисок и не се плашам од конкуренцијата, бидејќи тоа според мене е добра работа“, изјави Барбара Лазовиќ.

Вардарки до 5 август ќе тренираат во Скопје, а потоа заминуваат на подготовки во Австрија. Од 22. до 24. август ќе учествуваат на турнир, чиј домаќин ќе биде европскиот шампион Ѓер.