Претставничката на ОН во Ирак: Ова мора да запре

Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН во Ирак, Жанин Хенис-Плашарт, повика на прекин на насилството во Ирак, каде во петдневните протести загинаа речиси 100 луѓе.

– Длабоко ми е жал за неразумната загуба на животи. Пет дена пристигнуваат извештаи за загинати и повредени – тоа мора да запре, напиша Хенис-Плашарт на Твитер.

Таа ги повика „сите страни да запрат и добро да размислат“, истакнувајќи дека одговорните за насилството треба да одговараат.

– Духот на единство нека превладее во Ирак, порача специјалната претставничка на Антонио Гутереш.