Претставничкиот дом го укина законот со кој САД го нападнаа Ирак

Американскиот Претставнички дом го изгласа во четвртокот документот за поништување на законот од 2002 година за употреба на воена сила со кој на САД им беше дозволено објавување војна на Ирак под власта на Садам Хусеин.

За оваа одлука гласаа 268 пратеници, а против беа 161. Меѓу оние коишто го поддржале укинувањето на законот 49 беа републиканци. Претседателот Џо Бајден, претходно го поддржа укинувањето на законот.

Законот за одобрување на употреба на воена сила, познат по англискиот акроним AUMF, му овозможи пред 19 години на тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш до нареди инвазија врз Ирак.

Останува да се види како за ова прашање ќе се изјасни Сенатот, горниот дом на американскиот парламент. Демократите имаат мнозинство и во Сенатот, но многу тесно, Гласањето во Сенатот ќе биде одржано „оваа година“, а за предлогот да мине потребно е да гласаат за тоа најмалку 10 републиканци кои би им се продружиле на 50-те демократи, плус демократската потпретседателка Камала Харис.

Законот, донесен набрзо по терористичките напади на 11-ти септеври 2001 година и првично донесен против џихадистичката терористичка мрежа Ал Каеда и нејзиниот лидер Осама бин Ладен, не ја ограничува американската армија ниту временски, ниту географски.

Администрацијата на Бајден смета дека САД „немаат воени активости во тек кои единствено се потпираат на AUMF од 2002 година како домашна правна основа“, како и дека неговото укинување „би имало минимално влијание врз моменталните воени операции“.

Белата куќа објави дека претседателот Бајден има волја да соработува со Конгресот за овој закон да се замени со „тесна и специфична рамка“ којашто би овозможила Американците и натаму да бидат штитени од терористичките закани.

„Доколку не чуеме од нашата армија дека AUMF 2002 повеќе не служи на целта – да се заштитат Американците, не би требало да го укинуваме пред да го замениме со друг документ“, коментираше републиканецот Мајкл Меккол.