Денеска во Министерството за информатичко општество и администрација се одржа брифинг за предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, со претставници на печатените медиуми заведени во Регистарот на печатени медиуми на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и со претставници на интернет порталите.
Ваквите средби со сите засегнати страни, во организација на МИОА, се одржуваат со цел да се пренесат и доближат предложените законски решенија, но исто така да се слушнат конструктивни забелешки и предлози во насока на унапредување на предложениот закон. Министерството како предлагач на законскиот текст, подготви законско решение кое воспоставува строги правила за владиното рекламирање, го подига степенот на транспарентност и ја извршува својата функција согласно европските препораки.
Изминатите денови, брифинзи за предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции беа одржани и со претставниците на Македонската Медиумска Асоцијација, Македонската Асоцијација на Новинари и Здружението на Новинарите на Македонија; потоа со претставниците на телевизиите на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа, претставниците на телевизиите на државно ниво преку сателит и националните радија, како и со претставниците на регионалните и локални телевизии и радија.