Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) треба да ја признае половата дискриминација во Авганистан како злосторство против човечноста и да ја истражи за одговорните за тоа да бидат повикани на одговорност, изјави во вторникот во Њујорк претставникот на Обединетите нации за образование Џејмс Гордон Браун.
На втората годишнина од враќањето на талибаните на власт, откако меѓународните сили предводени од Соединетите држави се повлекоа по 20-годишното војуање во Авганистан, Браун рече дека такво барање упатил до главниот обвинител на МКС, Карим Кан.
„Ова е најтешкиот пример на кршење на човековите права на девојчињата и жените во светот и доколку дозволиме тоа да се случи и неказнето да продолжи, тогаш тоа ќе се обидат да го сторат и други“, додаде Браун пред новинарите.
Девојчињата постари од 12 години се исклучени од училиште по враќањето на талибаните на власт на 15-ти август 2021 година. Талибаните, исто така, им забранија на жените да работат во хуманитарни агенции, ги затворија салоните за разубавување и им забранија на жените да патуваат без машка придружба на подолги меѓуградски дестинации.
„Меѓународниот кривичен суд треба да ја признае половата дискриминација како злосторство против човештвото и да истражи како одговорните ќе бидат кривично гонети“, рече уште Браун поранешниот лабуристички британски премиер, во периодот од јуни 2007 до мај 2010 година.
Канцеларијата на Кан не одговори веднаш на барањето на Reuters за коментари. Кан ги истражува наводите за воени злосторства извршени во Авганистан во последните 20 години.
Талибаните тврдат дека ги почитуваат човековите права во согласност со толкувањето на строгиот исламски законик, познато како шеријатско право.
Браун ги повика земјите со мнозинско муслиманско население да испратат делегација во авганистанската провинција Кандахар и да ги убедат талибанските водачи дека „забраната за образование на девојчињата и вработувањето на жените нема основа во Куранот или во исламската вера“.