Родната куќа на Адолф Хитлер ќе биде реконструирана, а со работите ќе се започне со работа на 2-ти октомври, објави во понеделникот австриското Министерство за внатрешни работи, и покрај документарниот филм кој тврди дека тоа е токму она што го сакал некогашниот нацистички германски диктатор.
По неколку години правни расправии, австриската влада одлучи да ја претвори куќата во австрискиот пограничен град Браунау на северот на земјата, каде што е роден Хитлер во 1889 година, во полициска станица со центар за обука за човекови права.
Во 2016 година, властите ја презедоа трошната зграда на границата со Германија во обид да спречат таа да стане неонацистичко светилиште. Острата и мачна правна битка меѓу државата и поранешниот сопственик заврши со експропријација.
„Реновирањето (за пренамена на куќата) ќе започне на 2-ри октомври 2023 година. Сѐ ќе продолжи според планираното“, потврди за AFP портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
Но, австрискиот режисер Гинтер Швајгер, кој ќе објави документарен филм за куќата на крајот на август, рече дека намерите на министерството во врска со идната употреба на куќата „секогаш ќе бидат под сомневање дека се во согласност со желбите на диктаторот“.
Швајгер како доказ го наведува откривањето на напис од локален весник објавен на 10-ти мај 1939 година, во кој се наведува дека желбата на Хитлер била неговата родна куќа да ја претвори во канцеларии за окружните власти.
Претворањето на куќата во полициска станица би одговарало на видот на употребата што ја замислил диктаторот, рече Швајгер на прес-конференција во понеделникот, повикувајќи ја владата да ја преиспита својата намера.
Трошоците за контроверзното реновирање на куќата од 800 квадратни метри во моментов се проценуваат на приближно 20 милиони евра, а се очекува да биде завршена до 2025 година. Полициската станица треба официјално да биде отворена до 2026 година.
Иако Хитлер минал само кратко време во куќата, таа сепак привлекува нацистички симпатизери од целиот свет.
Германија ја анектираше Австрија во 1938 година, и иако многу од главните послушници на Хитлер беа Австријци, историчарите велат дека малата алпска земја не брзаше да го признае својот дел од одговорноста за холокаустот и другите нацистички злосторства пред и за време на Втората светска војна.
Во минатото имаше обиди да се докаже дека Хитлер не е роден во Браунау, туку од другата страна на реката Ин во германското гратче Зимбах на Ин каде што Алојз, таткото на Хитлер, бил вработен како царински службеник. Еден германски историчар, според сопственото тврдење, пронашол докази дека Хитлер е роден во Зимбах каде што неговата мајка на својот сопруг на работното место му носела вечера.