Превентивни прегледи од логопеди во сите градинки во Кисела Вода

​Општина Кисела Вода, во соработка со Министерството за здравство и Програмата за спроведување на превентивни прегледи за рана дијагностика на пречки во развојот на слухот, говорот и гласот кај децата, од денес започна со активност во сите градинки на територија на општината. Со превентивни прегледи кои ги врши стручниот тим од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација ќе бидат опфатени децата од четири до шестгодишна возраст. По откривањето на евентуални аномалии, лекарите ќе ги контактираат родителите и  по потреба ќе им предложат дополнителни консултации со логопед и дефектолог.

Раното откривање и третман на пречките во говорот и слухот значително придонесуваат кон нивното успешно отстранување и полесно интегрирање на децата во образовниот систем. Пречките во говорот и слухот можат значително да влијаат врз развојот на детето, неговата социјализација и когнитивни способности. Оттука, уште поголема е важноста на ваквите превентивни прегледи, посебно во период пред почнувањето со одење во училиште.

Општина Кисела Вода со овој и со многу други проекти, продолжува со градење на посветен однос кон раниот детски развој. Вложување во оптимални услови за развој и раст на децата претставува значаен предуслов за градење на здрави и успешни личности кои се идните носители на општествените процеси.