Преживеаните се во тешка психичка состојба, сѐ уште се истражува дали имало експлозија

Седуммината преживеани на страшната автобуска несреќа во Бугарија се во стабилна но многу тешка психичка состојба, соопшти бугарскиот Јавен обвинител откако ги посетил пациентите кои во моментот се хоспитализирани во софиската Клиничка болница.

Сѐ уште се работи на терен за утврдување на причините, но во тек е и распрашувањето на преживеаните.

„Повредените се  во многу тешка психичка состојба. Единствено што кажуваат е дека сѐ се случило за неколку секунди. Не можам да кажам дали имало експлозија. Сѐ се случило за неколку секунди. На местото на несреќата се испрашани сведоците и очевидците на инцидентот“, изјави претставничката на бугарското Јавно обвинителство.

Телевизијата Сител објави дека македонскиот амбасадор во Софија единствено разговарал со српскиот државјанин кој го скршил прозорецот и им помогнал на останатите шестмина да се спасат. 

Претходно во вторникот беше обавено дека автобусот излетал од коловозот, му пукнала предната десна гума, па се влечел, имало излевање гориво и бидејќи работело парното на автобусот, оттаму дошла до несреќата од која настанал пожарот.

„Пожарот настанал од предниот дел на автобусот бидејќи задниот дел е речиси зачуван“, изјави за БНТ Васко Пиргов, експерт за мотори со внатрешно согорување, кој пристигна во првите минути по несреќата на автопатот „Струма“.

Според неговите процени автобусот не се превртел, а возачот се обидел да сврти в лево. Пиргов додаде дека има снимен материјал „што и не е пријатен за гледање“.

Според првичните информации на бугарските медиуми имало гориво во автобусот што било купено во Турција каде што е поевтино отколку во Македонија и Бугарија. Пожарот избувнал од ова гориво и ова е една од причините за катастрофата. Циркулираат информации дека автобусот кога излегол од заштитната ограда возел 50 метри без застанување. Нема знаци за кочење, што значи дека изгубил контрола над возилото.