Преживеале една година без шопинг – што научиле?

Сопружници од Тенеси решиле една година да ги купуваат само основните продукти потребни за себе и своите деца. Тоа значело дека нема нови играчки, панталони, чевли, фустани, ајфони, мебел…

-Се откажавме од сето она во кое се ужива краткорочно и не става во долгови. Забележавме дека материјалните потреби секој ден стануваа се поголеми. Едноставно почуствувавме дека живееме под исклучителен притисок кој ни го наметнува општеството кое секојдневно не насочува што ни е потребно – поголема куќа, поголем автомобил, нова облека. Во еден момент одлучивме дека е доста и на својот живот му ги вративме вистинските вредности, изјавиле Геби и Скот, кои се родители на две малолетни деца.

Пред експериментот тие поставиле јасни правила. Нема купување работи, освен храна и хигиенски средства. Трошењето пари за подароци е во ред, но само во облик на добротворни донации или на искуства кои може да се споделат со други луѓе. Работите кои можат да се искинат или расипат, можат да се поправат.

Предизвикот почнал на први јануари 2013. година. На почетокот воопшто не било лесно бидејќи децата постојано сакале нешто. Кога ќе побарале нешто во продавниците, Скот на почетокот им викал ова да го сфатат како да се во музеј, каде играчките може само да се гледаат, но не и да се земат. Но, набрзо сфатил дека мора да им го каже точниот одговор – дека едноставно моментално тие работи не им се неопходни.

На почетокот Скот потрошил повеќе пари на храна отколку што вообичаено трошел. Семејството првите два месеци заштедило само 10 долари.

Првиот голем проблем се јавил кога му се скинала торбата за на работа. За Скот тоа бил сериозен проблем. Но, наместо да купи нова, тој барал соодветна замена. Според правилата на проектот, тој пронашол виолетова патна торба од својата ќерка и ја користел цела година.

-Знаев дека не ми одговара и дека со неа ќе имам голем број проблеми, но чувствував дека ова е дел од проектот бидејќи покажува како луѓето ве осудуваат според надворешниот изглед врз основа на она што го поседувате, објаснил Скот.

И Геби се нашла пред голем број дилеми. Таа била повикана на свадба во Мексико. Бидејќи не можела да купи фустан, позајмила од својата пријателка. Геби се борела и со она што другите родители ќе помислат за нив, бидејќи децата на родендени оделе со подароци според правилата на проектот. Па, така тие подарувале сокчиња или бонбочиња кои ги делеле со другарчињата.

-Тоа не беше лесен предизвик, особено за мене како мајка. Стравував дека родителите ќе мислат дека сме скржави родители или пак дека сме толку сиромашни и не можеме да купиме вообичаен подарок, открива Геби. Но, таа знаела дека нема назад.

Годината без шопинг исклучително го поврзала семејството, бидејќи од материјалните работи ги насочила на некои нови искуства. По една година попуштиле со тие правила, но и понатаму купувале помалку во споредба со претходно. Но, признаваат дека многу потешко би ја проживеале таа година доколку нивните деца биле тинејџери.