Пријави за 16 навивачи на ФК Шкендија

Поради доаѓање на фудбалски натпревар, влегување на терен и прекршување на мерките кои се пропишани за спречување на ширење на заразната болест Ковид-19 тетовската полиција денес поднесе пријави за 16 луѓе до Обвинителството. Процедурата се однесува за навивачи на ФК „Шкендија“ од Тетово кои во неделата на 16 мај беа на градскиот стадион за време на првенствениот натпревар со ФК „Шкупи“.

– Секторот за внатрешни работи Тетово ги идентификуваше и ги повика на службен разговор 16 лица навивачи од тетовскиот фудбалски клуб Шкендија при што во координација со Јавното Обвинителсво-Тетово ќе поднесе соодветен поднесок против истите, кои на ден 16.05.2021 година влегувале на теренот на стадионот во Тетово, додека бил во тек натпреварот помеѓу ФК Шкендија- ФК Шкупи и со тоа ги прекршиле правилата за навивање при одигрување на натпревар, како и мерките кои се пропишани за спречување на ширење на Ковид-19, информираат од СВР Тетово.

Од полицијата информираа дека на денот на натпреварот полициски службеници презеле соодветни мерки и активности, при што биле обезбедени услови за натпреварот регуларно да заврши.