Пријави за измами преку телефон и интернет во СВР Велес

Во Полициската станица Велес, 75 – годишна жена пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 600 евра.

Според пријавеното, на 14.11.2024 лицето и се јавило телефонски, се претставило дека е од Скопје и ја известило дека и следувале околу 20.000 евра, но за да ги добие требало да му ги испрати парите.

Таа ги испратила парите преку автобус, а по кратко време лицето повторно и се јавило и побарало уште 1.500 евра за да добиела поголема сума, по што сфатила дека е измамена. Од СВР Велес информираат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во СВР Велес, 22 – годишник од Скопје вчера во 16,30 часот пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 1.000 евра. Според пријавеното, на 05.11.2024 на веб страна нашол стан за издавање во Италија, по што стапил во контакт со лице за договор за слободен термин, а откако му бил пратен линк, преку банка ги уплатил парите. Како што е пријавено, на 15.11.2024, на денот планиран за заминување во Италија, се обидел да стапи во контакт со лицето кое го издавало станот, но одговор немал и бил блокиран. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.