Министерот за одбрана Зоран Јолевски во касарната Илинден денес на новите 125 професионални војници на АРМ им порача да работат посветено, често и хумано.
-Вашата подготвеност и енергија, амбицијата и желбата за успех нека бидат основата на која ќе се темели напредокот во вашата кариера, рече Јолевски.
Честитајќи им го новиот почеток во кариерата во воената професија, Јолевски потсети дека тие поминаа ригорозен процес на селекција и докажаа дека се најдобри меѓу најдобрите.
– Свесни сме дека клучен елемент за успехот на секоја армија е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал. Поради тоа долгорочно инвестираме во обуката на персоналот на Армијата. Токму затоа, вас ви претстои период исполнет со предизвици и многу работа. Предизвик кој значи инвестирање во знаење и обука, но и инвестирање во иднината, рече во обраќањето министерот Јолевски.
За да се оствари целта – мала, мобилна, професионална, интероперативна и високо обучена Армија, нагласи Јолевски, спроведени се бројни реформи во одбраната, меѓу кои и трансформација на АРМ, која, подвлече треба да заврши оваа година.
– Со тоа успеавме да ги групираме единиците и командите во поефикасна и поефективна воена структура. Со приемот на овие нови професионални војници, на добар пат сме до крајот на 2015 година да ја постигнеме и посакуваната пополна на командите и единиците со потребниот високо квалитетен, способен, мотивиран и обучен персонал, рече меѓу другото министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната свеченост по повод приемот на новите 125 професионални војници на АРМ.
АРМ минатиот месец и се приклучи на полицијата на граничните подрачја.