Во рамки на учеството на деветтиот Форум за интернет владеење кој се одржува во Истанбул, Турција, денес министерот за информатичко општество и администрација одржа прием и свечен работен ручек по повод промоција на кандидатурата на Република Македонија за член во Советот на Меѓународната телекомуникациска унија.
Настанот се одржа во хотелот Риц-Карлтон во Истанбул под покровителство на Акан Сувер, претседател на Мармара груп фондацијата и пријател на Република Македонија и во соработка со Генералниот конзулат на Република Македонија во Истанбул.
На приемот присуствуваа Хулин Жао, заменик-Генерален секретар на Меѓународната телекомуникациска унија, г-дин Вујица Лазовиќ вицепремиер во Владата на Црна гора, г-ѓа Гизела Копер Министер за информатички технологии на Коста Рика, заменик министерот за комуникации и информатички технологии на Република Азербејџан г-дин Елмир Велизаде, г-ѓа Меган Ричардс, челник на Делегацијата на Европската комисија во IGF, високи претставници од САД, директори на национални регулатори во областа на телекомуникациите, и други еминентни гости.
Настанот особено го збогати учеството на г-дин Винт Церф, иноваторот на Интернетот кој изрази своја поддршка на кандидатурата на Република Македонија за член на Советот на Меѓународната телекомуникациска унија.