Прифатен проектот за проширување на Вимблдон

Градските власти на Лондон во петокот му издадоа дозвола на тенискиот клуб „All England Lawn Tennis Club“ (AELTC) за голем проект за проширување на теренот на кој се игра најголемиот тениски турнир во светот, Вимблдон.

Според прифатениот план, наместо сегашниот терен за голф и паркот лоциран веднаш до тениските терени, во Вимблдон ќе бидат изградени 38 нови игралишта, вклучувајќи и стадион со 8.000 седишта. Со ова проширување, квалификациите за настап во главниот жреб на Вимблдон би се преселиле во „All England Club“, односно повеќе не би се играле во Рохемптон.

„Овие планови за проширување на поранешниот приватен терен за голф ќе донесат огромни придобивки за локалната заедница, но и за целата британска економија, бидејќи ќе понудат мноштво нови работни места“, рече Џулиен Бенџамин Пајп, заменик градоначалник на Лондон за планирање, регенерација и противпожарна служба.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, го поддржа ова проширување уште пред три години, па не учествуваше во процесот на издавање на дозволата.

Противниците на проектот истакнаа дека ова проширување ќе предизвика уништување на животната средина, пред сѐ, на паркот во Вимблдон.