Прифатен владиниот предлог за новите директори на М-НАВ, Асани и Кораќ

Хекуран Асани и Милан Кораќ следната недела стапуваат на новата функција директори во М-НАВ, дознава „Телма“. Надзорниот одбор на денешната седница го прифати предлогот на Владата донесен на седницата одржана на 9 јануари и ги разреши досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Третиот директор во државната компанија, Хасим Деари, ја задржа својата функција.

Поради законската процедура, надзорниот одбор ќе има уште еден состанок во понеделник кога ќе се потпишан записниците од денешната седница со што одлуката добива формално правна важност и потоа со пропратната документација ќе биде доставена до централниот регистар кој треба да ги впише двајцата нови директори – Асани и Кораќ.

Разрешувањето на Хамиди и Стаменковски беше еден од условите на Синдикатот за да не стапи во штрајк.

Првичниот предлог на Владата беше Илир Мехмети, но по неколку часа го повлече и се коригира, бидејќи тој не ги исполнуваше условите. Мехмети не е вработен во М-НАВ туку во Агенцијата за цивилно воздухопловство со што директно се кршеше член 17 од Правилникот во М-НАВ кој предвидува на раководните места да се именуваат лица од редот на вработените.