– За утре е закажана вонредна седница на Советот за безбедност на Обединети нации за состојбата во Косово.
Србија пред два дена побара од Мисијата на Гвајана, која претседава со СБ на ОН, да закаже специјална седница.
Во барањето се истакнува дека состојбата во Косово е „во остра спротивност со Повелбата на ОН и резолуцијата 1244 на СБ на ОН“.
– Во тек е кулминацијата на долгорочните и добро испланирани и систематски дејствија на така нареченото раководство на косовските Албанци, со кои Србите намерно се подложени на неподносливи услови за живот.
Станува збор за незаконската одлука на привремените институции на самоуправа во Приштина за укинување на оптек на српската валута динар на територијата на Косово и Метохија, што претставува продолжување на мерките на брутално физичко и институционално насилство врз Србите од страна на привремени институции на самоуправа во Приштина, а чија суштинска цел е целосно етничко чистење и исчезнување на српското население од таа област, кое во моментов е во тек“, се наведува во документот.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ наведе дека Белград поднел барање за итна седница на СБ на ОН „поради општата ситуација на Косово, теророт врз Србите, обидите за укинување на динарот и сè што претставува кршење на резолуцијата 1244 и другите меѓународни документи“.