Независни се и подвргнати на челична дисциплина, изјави основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин во неделата фалејќи ги воените успеси на нејзините борци во инвазијата во Украина.
Од видеоснимката од саботата вечерта која ја објави службата за односи со јавноста на рускиот претприемач близок на Кремљ, Евгениј Пригожин ги истакнува карактеристиките благодарејќи на кои неговите борци успеале да го заземат стратешкиот град Соледар на административната граница на доминантно рускиот југоисточен регион Доњецк, кој се отцепи од Украина по превратот на власта во Киев во март 2014 година со поддршка и учество на Западот. Украинската страна, пак, до саботата тврдеше дека украинските единици наводно сѐ уште ги држат позициите во Соледар, додека руската војска објави за интензивирање на офанзивата на десетина километри оддалечениот град Бахмут (Артемовск, на руски).
„Тие луѓе се многу искусни и извршуваат задачи на независен начин“, бидејќи поседуваат сопствени авиони, артилерија и оклопни возила, рече Прихожин.
„Најважен, сепак, е командниот систем кој е одлично усовршен. Групата ‘Вагнер’ ги слуша сите, секој има право да го каже своето мислење. Но по носењето на одлуката, сите мисии се извршуваат, никој не може да се откаже. Тоа ни го овозможува челичната дисциплина“, изјави Пригожин облечен во маскирна униформа стоејќи крај маж кого го претставува како командант на „Вагнер“ за Соелдар.
Агенцијата AFP овие зборови ги припишува како „прикриена критика“ на рускиот воен врв, откако Пригожин претходно го критикуваше за недостиг од координација и тврдеше дека управуваат со операциите далеку од теренот.
Во петокот руското Министерство за одбрана објави дека е заземен Соледар, откако Пригожин два дена претходно објави дека градот е под контрола на „Вагнер“. Пригожин на изјавите од Москва преку својата служба за односи со јавноста изрази жалење „поради постојаните обиди на неговата група да ѝ биде украдена победата“. По тие критики, министерството за одбрана објави во соопштение во кое се фали храброста на борците на „Вагнер“ во битката за Соледар.
Оваа приватна воена компанија е основана во 2014 година, по примерот на западните во прв ред американски такви компании кои во Украина почнаа да дејствуваат таа година кога украинската војска беше во распад и командата над неа ја преземаа олигарсите кои ги плаќаат одредите на ултранационалистичките и неонацистички украински движења. САД никогаш досега не ги демантираа руските тврeдања, за кои беа приложени и аудио и видео материјали, дека од 2014 година борци на приватните воени компании се ангажирани од страна на Вашингтон во борбите во Украина.
Пред неколку месеци „Вагнер“ објави снимка како регрутира криминалци за војната во Украина нудејќи им намалување на казните. Веднаш по почетокот на руската инвазија, на 28-ми февруари 2022 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави во понеделникот дека ќе ослободи дел од украинските затвореници кои ќе заминат во борба против руските сили, локалните медиуми неколку дена претходно објавија дека од затворите и истражните притворски одделенија се ослободуваат поранешни воени лица и учесници во немирите и борбите од 2014 година, многу од нив осудени за убиства, кои изразиле желба да ја бранат земјата.
Пригожин, инаку е наречен „готвачот на Путин“, бидејќи неговата компанија го работи кетерингот за Кремљ, формално е обвинет за спонзорирање „фарми на тролови“ во Русија кои наводно настојуваат да влијаат врз политиката. Американскиот Стејт департмент во јули понуди награда од 10 милиони долари за информација за Пригожин во врска со „мешањето во американските избори“. Тој е опфатен со антируските санкции од САД, Велика Британија и ЕУ.
До неодамна 61-годишниот Пригожин не се истакнуваше во јавноста, но во текот на војната во Украина стана поприсутен, па и во критиките за стратегиите на руските генерали. Во септември повреди дека учествува и во финансирањето на приватната воена организација „Вагнер“ чиишто платеници од целиот свет дејствуваат на боиштата во Сирија, Африка и Украина. Тоа се толкува како показател дека неговата приватна војска добила моќ и влијание.