Пригожин го отфрла пишувањето на WP за соработка со Киев

Евгениј Пригожин, шефот на руската воена компанија „Вагнер“, во понеделникот ги отфрли наводите на американскиот дневен весник The Washington Post, дека наводно на властите на Украина им понудил да ги открие позициите на руските единици на фронтот.

Американскиот дневен весник во својот напис се повикува на истекувањето информации од американските разузнавачки служби на социјалните мрежи. Во Москва и претходно изразија сомневања дека станува збор за обид за дезинформирање од страна на американското разузнавање.

Војниците на „Вагнер“ со месеци се на првата линија на фронтот во Бахмут, утврдениот град на границата на доминантно рускиот југоисточен украински регион Доњецк, за кој се водат повеќемесечни жестоки борби со илјадници жртви на двете страни.

Како што објави The Washington Post, наводно Пригожин во јануари на Украина и дал специјална понуда: ако украинските команданти ги повлечат своите единици околу Бахмут, тој на Киев ќе му ги предаде информациите за позициите на руските единици, коишто украинската војска би можела да ги искористи за напад.

Се чини дека овој текст се базира на честите изјави на Пригожин во социјалните медиуми каде изразува остро несогласување со рускиот воен врв, тврдејќи дека војската не му испорачува опрема и муниција за „Вагнер“.

Пригожин поради тоа пред две седмици се закани дека ќе ги повлече своите борци од Бахмут. Но во вторникот во аудио порака повторно рече дека тој и неговите луѓе ќе се сметаат за предавници доколку ја напуштат областа на борбите, за која мината седмица рече дека 95 отсто е под контрола на руските сили.

Американскиот весник, повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори, пишува дека Пригожин споменатиот предлог наводно им го пренел на своите контакти во украинското воено разузнавање, со кои наводно одржувал тајна комуникација во текот на борбите. Украина, пишува The Washington Post, наводно го одбила тој предлог.

Во видео пораката објавена на апликацијата Telegram, Пригожин ги отфрла написите во весникот како „глупости“ и наведува дека зад оркестрираниот напад врз него стојат некои жители на московскиот кварт Рубљовка, каде што се седиштата на многу компании и на политичката елита.

Пригожин, исто така, ги отфрла наводите дека се сретнал со шефот на украинското воено разузнавање Кирил Буиданов во неименувана африканска држава. Тврди дека не бил во Африка од почетокот на судирите во Украина, а идејата дека со него телефонски разговарал ја нарекува смешна.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот изрази отворено сомневање во веродостојноста на напишаното во американскиот весник во врска со основачот на „Вагнер“.

„Повеќе личат на уште една новинарска патка. За жал, дури и влијателните весници во последните години често не зазираат од тоа“, рече Песков одбивајќи натамошен коментар.

Белата куќа, исто така, одби да го коментира текстот на The Washington Post, кој наводно е заснован на американските тајни документи кои протекоа и се појавија на платформата за групен чет Discord.