Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, изјави во понеделникот во првиот јавен коментар откако во саботата вечерта го запре еднодневниот бунт на својата паравојска дека намерата била да се искаже незедоволство поради неефикасноста од водењето на војната во Укаина, а не да се собори актуелната власт во Москва.
Единаесетминутната аудио-порака на Пригожин е објавена на каналите на Telegram кој ги користи тој и маркетингот на неговата компанија, вклучително и на „Вагнер“, пренесуваат агенциите Reuters и AFP.
Во објавата Пригожин не открива каде се наоѓа во моментов, иако во саботата ноќта портпарлот на Кремљ, Дмитриј Пескови, изјави дека според договорот во кој посредувал белоурскиот претседател Александр Лукашенко, шефот на „Вагнер“ ќе се пресели во Белорусија.
Пригожин натаму во тонската порака вели дека со бунтот сакал да ја спаси својата приватна војска на којашто со законите донесени минатата седмица во руската Дума ѝ се закануваше апсорбирање во рамките на војската под команда на Министерството за одбрана.
„Целта на конвојот беше да не се дозволи уништување на групацијата ‘Вагнер’“, вели Пригожин. Во објавата за повлекувањето на единиците на „Вагнер“ во своите бази објави токму дека една од причините за бунтот е тоа „што сакаа да нѐ расформираат“
Тој тврди дека ниеден од борците на „Вагнер“ досега не потпишал договор со Министерството за одбрана.
Како што објасни Песков на брифингот со новинарите ноќта во саботата, борците на „Вагнер“ кои не учествувале во директното подготување на бунтот ќе потпишат договори директно со Министерството за одбрана, според законот донесен претходно минатата седмица а со кој од 1-ви јули под единствена команда ќе бидат ставени сите автономни доброволечки одреди и борбени формации.
Движењето на единицата кон Москва во саботата, за која се проценува дека броела до 5.000 тешко вооружени борци придружувани од тенкови и оклопни борбени возила поддржана и со авијацијата на „Вагнер“, според Пригожин открала „сериозни безбедносни проблеми“ во Русија, додавајќи дека „неговите луѓе минале 780 километри со слаб отпор“.
Единиците на „Вагнер“ освен во центарот на Ростов на Дон, каде ноќта од петокот кон саботата на препад влегоа во штабот на Јужниот воен округ, во движењето кон Москва ги избегнуваа поголемите места, и како што тврдеше Пригожин стасале на 200 километри од Москва. На приодите кон руската престолнина според видео-објавите на социјалните мрежи и телевизиите, веќе биле распоредени препреки и специјалните единиции на руската Национална гарда, но сепак не дојде до контакт со колоната на „Вагнер“.
„Маршот покажа дека постои сериозна загриженост за безбедноста во земјата… “ Причината за „маршот на правдата“ била желбата „одговорните да одговараат за грешките“ во воената операција во Украина, појасни Пригожин.