Пригожин порачал дека „Вагнер“ засега нема да се бори во Украина

Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин во снимка на социјалните мрежи ги поздравува своите борци во Белорусија и им порачува дека засега нема веќе да се борат во Украина, пренесува агенцијата Reuters.

Во снимката, чијашто автентичност не можел да ја потврди Reuters, се слуша како маж чијшто „глас и руски акцент звучат како на Пригожин“, ги поздравува своите соборци. Видеото е објавено на еден од Telegram каналите кои се со ознака на „Вагнер“.

„Добредојдовте момчиња…. Добредојдовте на белоруската почва“, вели гласот кој му се припишува на Пригожин. Како што истакнува агенцијата „видеото е снимено откако поднала вечерта“ и „единствено можно е да се препознае профилот на маж кој изгледа како на Пригожин“.

„Чесно се боревме. Направивте многу за Русија. Она што се случува на фронтот е срамота во која не треба да се мешаме“, порачува наводниот Пригожин.

Притоа на борците им порачува добро да се однесуваат кон локалното население и им наредува да ги вежбаат белоруските војници и да соберат сили за „ново патување во Африка“.

„И можеби ќе се вратиме на СВО (специјалната војна операција во Украина) во некој момент кога ќе бидеме сигурни дека нема да мораме да се сремиме“, се вели во снимката на шефот на „Вагнер“.

Потоа на борците им се обраќа мажот за кој Reuters вели дека звучел како Дмитриј Уктин, повеќекратно одликуваниот за храброст руски пензиониран офицер на специјалните сили на военото разузнавање ГРУ, чие борбено име од Сирија било „Вагнер“ и всушност е вистинскиот основач на приватната паравоена формација.

„Ова не е крајот. Ова е само почетокот на најголемата работа во светот која многу брзо ќе биде реализирана“, рекол Уктин на руски а потоа на англиски јазик додал „И добредојдовте во пеколот!“.