Белорускиот претседател претходно годинава дознал дека се подготвува атентат врз шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, и ја пренел информацијата во Кремљ, вели во интервју за група новинари Алескандр Лукашенко.
Во средата вечерта северно од Москва се урна приватен млазен авион во кој, според листата на патниците, бил и шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Руските власти потврдија дека загинале сите десет патници и членови на екипажот но досега не е потврден ниеден идентитет.
Некои Telegram канали наводно повразани со „Вагнер“ објавија дека станува збор за соборување на авионот а западните челници инсинуираат дека зад загинувањето на Пригожин стои рускиот државен врв како одмазда поради неговиот вооружен бунт на крајот од јуни, што Кремљ ги нарече „чиста лага“.
По Бунтот, во договорот со Кремљ и со посредство на Лукашенко, Пригожин се согласи да ја запре единицата на „Вагнер“ која стаса на 200 километри од Москва, во замена за запирање на кривичниот прогон поради бунтот, и борците на групацијата да се дислоцираат заедно со него во Белорусија. Стотина борци на „Вагнер“ минаа во соседна земја, но самиот Пригожин повеќепати изминатиот период беше виден во Русија, а во понеделникот објави видое-снимка која сугерира дека е снимена во Африка.
„Последниот пат кога летавме за Емиратите (во јануари-февруари) до мене дојде многу сериозна информација од извори, кои не можат да не бидат подлабоки, за атентат врз Евгениј Пригожин“, го цитира Лукашенко рускиот меѓународен сервис Sputnik.
Лукашенко натаму додава дека во следните два часа таа информација шифрирано му ја предал на рускиот амбасадор во Обедиентите Арапски Емирати, за да ги информира претседателот Владимир Путин и шефот на руското разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников. По извесно време, Лукашенко го прашал Пригожин, со кого лично се познаваат долги години, дали таа информација стасала до него, а шефот на „Вагнер“ потврдил дека претседателот Путин го предупредил за дејствија кои се подготвуваат.
Лукашенко, нејасно точно кога, додава и дека во период по бунтот ги предупредил Пригожин и Дмитриј Уткин, пензионираниот потполковник на специјалните сили на военот разузнавање кој се смета за вистинскиот основач на „Вагнер“ и кој исто е на листата настрадани во авионската несреќа. Потсетува дека во разговорот со Прогожин во Ростов на Дон при посредувањето му рекол на Пригожин дека ќе „загине“ доколку продолжи со маршот кон Москва, на што тој му одговорил „По ѓаволите, и онака ќе загинам“.
Белорускиот претседател вели и дека не знае „кој го направил ова“, мислејќи на авионската несреќа од средата, и додава дека не верува оти авионот можел да биде соборен со проектил.
Во четвртокот и американски Пентагон ги отфлри шпекулациите дека авионот со Пригожин бил соборен со проектил „земја-воздух“, како што инсинуираа некои профили на социјалните мрежи наводно блиски на „Вагнер“ групата.
„Само командантот може да издаде наредба на воздухопловните-космички сили да сторат такво нешто. Потоа тие ќе проследат таква команда до одредена единца, а таа ќе биде предадена до конкретен екипаж. Сфаќате ли колку луѓе би биле вклучени? Кој идиот би го сторил тоа? Иако и тоа не го негирам: ѓаволот знае, можеби некои луди таму одлучиле. Но не верувам“, додава Лукашенко.
Истакнува дека „многумина сега сакаат да му ја залепат“ одговорноста за трагедијата на рускиот претседател, но Лукашенко е уверен дека Путин „нема никаква врска со тоа“.
Лукашенко, кој е и стар познаник на Пригожин и близок сојузник на Русија, изјави дека Путин нема никаква врска со авионската несреќа.
„Го познавам Путин: тој пресметува, многу смирено, дури и доцни… Не можам да замислам дека Путин го направил тоа, дека Путин е одговорен. Тоа е едноставно е премногу груба и непрофесионална работа“, вели Лукашенко.
Во врска со шпекулациите на социјалните мрежи дека борци на „Вагнер“ наводно тргнале кон Москва по одмазда, Лукашенко вели дека тие ќе останат во Белорусија.
„Вагнер живееше, Вагнер живее и Вагнер ќе живее во Белорусија. Јадрото (на формацијата) останува тука. Сѐ додека ни е потребна оваа единци, тие ќе живеат и работат со нас“, вели Лукашенко.