Приказни за успехот на „Пијанофорте“

Што е тоа успех? Како може да кажеме дека сме биле успешни? Дали постои апсолутна мерка? Со што треба да се споредиме за да потврдиме дека сме завршиле навистина добра работа? Умните мислители велат дека најрелевантниот показател за напредокот е мерката колку сте постигнале лани, а до каде сте сега. Што ќе рече, единствената валидна работа за мерење на успехот не е ниту една конкуренција од страна, туку колку сте успеале да се надминете себеси.

Така и ни започна разговорот со соговорниците од музичкото училиште „Пијанофорте“ од Скопје по одржувањето на нивните годишни завршни концерти, и на класичниот оддел и на одделот за популарни жанрови. Тие велат дека секоја година можат да се пофалат со успех, но „трикот“ е дали овогодинешниот успех е поинаков и поголем од ланскиот. И од таа гледна точка, оваа година дефинитивно известуваат за извонредно успешна година со многу достигнувања. И тука не се вбројуваат само, како што велат, бројните награди на нивните ученици освоени на меѓународни натпревари.

Како прв успех го издвојуваат резултатот на изедначен резултат на достигнување во пијанистичкиот оддел. А тоа се должи на новата програмска методологија, одамна присутна во светските музички едукативни центри и докажана по својата функционалност и ефикасност. Тие ја вовеле за прв пат во учебната година што изминува, а главниот тест бил всушност настапот на сите млади пијанисти на завршниот концерт. Таму како што велат било воочливо дека постои синхронизираност и изедначеност во квалитетот на изведбата на сите учесници во новата програма. А ова пак, претставувало охрабрување да ја зајакнат својата стратегија и од септември да ја надополнат програмата со новитети.

Посебна гордост им е учеството на нивните ученици – виолинисти на настанот со камерниот оркестар ПРОФУНДИС каде што мали деца свиреа со професионален оркестар и свиреа комплетно нови дела што дотогаш ги немаат работено, а тоа е нешто што може да се направи единствено ако образовната база е многу солидно поставена.

Истите тие дечиња, во моментов се отпатувани на музички камп за оркестар и хор со име „Рамо до рамо“ – на Ел Система (Side by Side by El Sistema ) во Гетебург, Шведска. Како што сугерира и името на музичкиот камп, учесниците свират и пеат рамо до рамо со останати деца и младинци од различни земји и на неколку различни концерти, каде што заедно можат да ги покажат своите новооткриени способности.

Целата измината сезона ги навела на заклучок дека, освен што годината им била поуспешна од претходната, ја имаат зајакнато целта за своите ученици да создадат услови за животно созревање преку музиката а воедно да успеат да изградат кај тие млади луѓе нов поглед врз животот и да ги наведат да врват низ него, не како туристи, туку како патувачи-истражувачи. Во овој контест и го завршивме разговорот со соговорниците од „Пијанофорте“, со ветување дека овој успех ќе биде надминат веќе следната година.