Прилеп бара дополнителни рестриктивни мерки, на Инфективното ќе ротираат матични лекари

Прилепскиот кризен штаб од главниот штаб во државава бара заострување и воведување дополнителни рестриктивни мерки.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, ситуацијата се оценува како влошена и крјано загрижувачка.

– Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп – рече Јованоски.

Одговор се очекува за еден ден, а во меѓувреме се засилуваат локалните мерки, прво за помош на медицинскиот персонал во инфективното одделени, од утре таму ќе ротираат тимови од матичните лекари во две смени.

– Поради алармантната состојба и потребата од зголемен број  медински персонал во Инфективното оддление, Општинскиот кризен штаб го задолжува претседателот на Здружението на матични лекари од нашиот град, почнувајќи од утре па во наредниот период, да обезбеди по два тима, составени од доктор и медицинска сестра, кои ќе волонтираат по систем на ротација во втора и трета смена во Инфективното одделениеЕдниот тим ќе работи од 14 до 22 часот, а вториот тим од 22 до 7 наутро. Ова е особено важно, затоа што постојниот медицински персонал во Инфективното одделение, е навистина исцрпен и со крајни сили и напори се бори со заразата и се грижи за секој пациент – изјави Јованоски.

Од утре 30-ина волонтерри на спасителната служба „Златоврв“ ќе се грижат за редот пред медицинските и другите институции, пред банките, а ќе асистира и полицијата. Пред тие локации и институции, општината повторно ќе ги обележи позициите за одржување дистанца во редиците, со поставување налепници „Стој овде“. Волонтерите ќе носат намирници и лекови во домовите на болни и изнемоштени лица, а се бараат и нови волонтери.

– Ги повикувам сите оние млади лица од нашиот град, кои се здрави или ја прележале болеста, кои би сакале да помогнат и да се приклучат на волонтерската служба, да се обратат на телефонските броеви073/333-800 и 073/333-900 кај одговорните лица за волонтерската служба при „Златоврв“, Сашо Јандрески и Дарко Неданоски. На истите контакт телефони може да се обратат и граѓаните на кои им треба помош – порача Јованоски.

Од почетокот на пандемијата во Прилеп се вкупно 2 766 заболени лица, а активни се 1 021 случаи. Во домашни услови се лекуваат 856 пациенти, 117 во болнички, а 48 во дневната болница. Досега битката со вирусот ја загубиле 125 прилепчани. Во последното деноноќие, по речиси еден месец, не е регистриран починат пациент.

МИА