Прилепчани добија нови еколошки автобуси

„Екологијата е важна работа во државата и овие четири, нови автобуси навистина Прилеп ќе го направат еколошки град, многу позначаен, знаејќи дека преку тоа го штитиме здравјето на граѓаните. Сакам да им честитам и на сите во Општината, коишто управуваат со општинските пари, за оваа сериозна инвестиција, многу важна, којашто покрај тоа што овозможува еколошки транспорт на граѓаните од една дестинација до друга низ Прилеп, секако ја испраќа пораката до сите нас граѓаните, до целата држава, за еколошките вредности, за важноста за здравјето на граѓаните за што треба да бидеме посветени сите ние“, истакна премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод пуштањето на еколошките авотобуси во Прилеп.

Тој истакна дека Владата веќе ја подготвува програмата за супституција во неколку града, што ќе почне пред грејната сезона за замена на грејните тела на фосилни горива со високо вредносните инвертори и други системи за еколошко греење и ладење, што како огромен проект веќе се развива во владините институции и владините јавни претпријатија.

На оваа пригодна церемонија изјави за медиумите имаа и градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Марија Цветаноска кои истакнаа дека со новите автобуси значително ќе го подобрат јавниот превоз во градот, кој освен квалитетен градски превоз ќе придонесе и за поздрава животна средина.

На свеченоста присутен беше и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.