Од денес на сметките на примателите на социјална парична помош е реализирано ветувањето на Владата на Република Македонија, односно социјалната парична помош е зголемена за 5 отсто и денес е извршена исплатата. За ова денес во рамки на посетата на целосно ренвираниот Центар за социјални работи во Кочани информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Зголемувањето кое што беше предвидено во износ од 5 проценти ќе ја чини владата околу 59 милиони денари кои што се обезбедени за период од 12 месеци да се реализира ова зголемување, рече Спасов и нагласи дека социјалната парична помош за најранливите категории на граѓани досега е зголемена за цели 70 проценти, што е огромно зголемување изминатите години од 2006-тата па наваму.
Тој потенцира дека до крајот на месецот очекува да се реализира уште едно ветување, односно да се реализира ветеното зголемување на постојаната парична помош за 5 проценти.
Некаде до крајот на следната недела очекуваме да се реализира и ова зголемување и примателите на постојана парична помош да го добијат планираното зголемување, кое што ќе не чини некаде околу 17, 5 милиони денари кои што се обезбедени во буџетот, рече тој.
Инаку министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денес беше во посета на Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Кочани кој што е целосно реновиран како дел од програмата на Европската Унија, како дел од ИПА програмата.
Како што најави Спасов, вкупно 28 објекти ќе бидат целосно реновирани во наредниот период од кој што 18 Центри за социјална работа и 10 Дневни центри за деца со пречки во развојот.
Вкупната инвестиција изнесува околу 1 милион евра, од кои што околу 800.000 евра се директно финансирање и финансиска поддршка од ЕУ. Ова е втор објект кој што целосно се реновира, завршено е реновирањето и реконструкцијата на Центарот за вработување. Денес како што можеме да видиме по 30 години овој објект е конечно целосно реновиран, со тоа значително се подобрени условите за прием на барањата на граѓаните, за остварување за социјална и детска заштита и секако условите за работа на стручните служби кои што се ангажирани тука во меѓуопштинскиот центар за социјална работа, рече Спасов.
Спасов во изјава за медиумите, исто така најави дека ќе има и ново зголемување на пензиите.
Согласно последните законски измени ноемвриската пензија ќе се зголеми во декември за 5 проценти. Со тоа Владата продолжува со реализација на ветувањата, продолжува со реализација на проектите кои што се насочени на подобрувањето на животот на граѓаните на Република Македонија. Продолжуваме исто така со голем број инвестициски активности, но пред се да се грижиме и за најранливите категории на граѓани, рече Спасов.