Дури 22 гола, повторно фантастична Жирона и драма во Мадрид и Севиља ги одбележаа неделните натпревари од 21. коло во шпанското фудбалско првенство.
Жирона ја декласираше Севиља со 5:1 и се врати на врвот, Барселона на гости го совлада Реал Бетис со 4:2, Реал Мадрид впиша нова контроверзна победа со пресврт со 3:2 против Алмерија, а Осасуна со ист резултат го победи Хетафе.
„Еуфорија“ против „депресија“, така шпанските медиуми го најавија соочувањето меѓу Жирона и Севиља, клубови кои се на спротивните страни на табелата. Жирона во борба за титулата, а Севиља на работ од зоната за испаѓање.
Гостите започнаа како што само можеа да посакаат. Севиља поведе во 10. минута со голот на Исак Ромеро, но само девет минути подоцна веќе беше 3:1 за Жирона, а сите три гола ги постигна украинскиот напаѓач Артем Довбик. Со овој „хет-трик“ Довбик стигна до бројката од 14 гола и ја дели лидерската позиција во листата на стрелци со играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Џуд Белингем.
На домашните и во вториот дел им беа потребни само десет минути за да ја затресат гостинската мрежа. Овојпат голот го постигна Виктор Циганков, а конечните 5:1 ги постави Кристијан Стуани во 89. минута. Победата на Жирона можеше да биде уште поубедлива, но Порто во 37. минута ја погоди гредата, а Јангел Ерера во 54. минута ја погоди стативата.
Жирона со оваа победа се врати на врвот на табелата 52 бода, бод повеќе од Реал Мадрид и меч помалку.
Трета сега е Барселона со 44 бодови и натпревар помалк, која прво испушти убедливо водство, а потоа во финишот од мечот со два брза погодока дојде до важната победа од 4:2 кај непријатниот домаќин Реал Бетис. Барселона со оваа победа ја продолжи серијата без пораз на стадионот „Бенито Виљамарин“ на 13 натпревари, во кои оствари 10 победи.
Херој на натпреварот беше Феран Торес, кој постигна три гола за победничката екипа (21, 48, 90+2), а асистираше и при погодокот на Жоао Феликс во 90. минута. За Бетис двата гола ги постигна Иско во 56. и 59. минута.
Со оваа победа Барса скокна на третото место со 44 бодови, додека Бетис е деветти со 31 бод.
Во првиот натпревар во неделата Осасуна го победи Хетафе со 3:2. Интересен натпревар во кој Осасуна по првото полувреме водеше со 2:0, Хетафе подоцна го израмни резултатот, но тимот од Памплона на крајот успеа да победи. Раул Гарсија ја доведе Осасуна во водство во деветтата минута, а вториот гол за домаќините го постигна Икер Муњоз во 31. минута. Борха Мајорал го намали резултатот во 64. минута, а само четири минути подоцна израмни Немања Максимовиќ. Хесус Аресо им донесе победа на домашните во 80. минута. Будимир го одигра целиот натпревар за Осасуна.
Осасуна со оваа победа се пласираше на 11. место со 25 бодови, додека Хетафе е едно скалило погоре со бод повеќе.
Во натпреварот од 21. коло на шпанското фудбалско првенство, Реал Мадрид на својот „Сабтијаго Бернабеу“ ја победи последнопласираната Алмерија со 3:2, откако по првото полувреме заостануваше со 0:2, со многу контроверзни судски одлуки во самиот финиш и погодок длабоко во судиското продолжение на мечот.
Реал Мадрид и Алмерија одиграа одличен натпревар со пет гола и низа шанси, а победничкиот гол домашните го постигнаа во деветтата минута од судиското надополнување. Сепак, по натпреварот бездруго ќе има многу критики и поплаки на судењетое. Главната улога ја имаше ВАР-от, а гостите по мечот беа револтирани од арбитражата.
„Одигравме одличен натпревар. Сепак, некој реши дека не можеме да победиме овде денес“, изјави по натпреварот гостинскиот играч Марк Пубиљ за DAZN.
Три сигнализации од ВАР собата го спасија „Кралвскиот клуб“. Пенал во корист на Реал, поништен гол на Алмерија и гол на Винисиус. Единаесет минути прекини, исклучување на гостинскиот играч, гол на Карвахал во 99. минута… Дефинитивно „најлудите“ 45 минути сезонава во Примера.
За гостите почна одлично. Начо згреши при едно додавањеи, а гостите „подарокот“ го претворија во гол веќе во 38. секунда. Стрелец беше Ларџи Рамазани на асистенција на Лукас Робертоне. Во 43. минута Едгар Гонзалес упати фантастичен удар од работ на шеснаесетникот за 0:2.
Карло Анчелоти со три измени влезе во продолжението на натпреварот. Во соблекувалната останаа Начо, Менди и Родриго, а во игра влегоа Брахим, Фран и Хоселу. Десет минути подоцна Реал намали. Бразилецот Каики играше со рака, а судијата Франциско Маесо досуди пенал откако ја прегледа видео снимката. Гостите протестираа, но безуспешно. Џуд Белингем беше сигурен.
Само пет минути подоцна Алмерија постигна трет гол, но ВАР уште еднаш интервенираше и уште еднаш ги спаси домашните. Овојпат за наводен фаул на Лопи над Белингем.
Реал успеа да израмни во 68. минута со голот на Винисиус Жуниор. И овој момент беше проверуван, се чинеше дека Винисиус погоди со рака, но судијата покажа на центарот. Во 77. минута уште еднаш се вклучи ВАР. Белингем постигна гол за пресврт, но Франк Гарсија беше во офсајд.
Во петтата минута од судиското надополнување гостите останаа со играч помалку, откако беше исклучен Аизка Гаритано, а три минути подоцна Реал оствари победа со голот на Даниел Карвахал.
Со оваа победа Реал во тој момент поведе на табелата со 51 бод, а Алмерија е последна со шест бода.