Примера: Победи на Барса и Атлетико, пораз на Реал

На отворањето на новата календарска година во шпанското фудбалско првенство Хетафе го шокираше Реал Мадрид победувајќи го со 1:0, Барселона со тешка мака со 1:0 на гостувањето ја совлада Мајорка, а актуелниот првак Атлетико Мадрид со 2:0 беше подобар од Рајо Валјекано.

Во последниот неделен дуел Барселона, иако со само неколкумина првотимци, славеше кај Мајорка со погодокот на Лук де Јонг во 44 минута. Де Јонг претходно во 29 минута ја погоди стативата а две минути подоцна и гредата.

Во продолжението на мечот Барса не успеа да го постигне и вториот погодок и да ги реши сите дилеми, па стравуваше до крајот. Најблиску до израмнување Мајорка беше во втората минута од судиското продолжение кога Хаиме Коста го дочека центаршутот во противничкиот шеснаесетник и шитураше но Марк-Андре тер Штеген одлично реагираше.

Успешен беше и Атлетико Мадрид кој со триумфот над Рајо Валјекано, за кој не бранеше рековалесцентот Столе Димитриевски, ја оствари првата победа по четирите последователни порази. Откако на 28-ми ноември го победија Кадиз, „Јорганџиите“ впишуваа порази од Мајорка 1:2, Реал Мадрид 0:2, Севилја 1:2 и Гранада 1:2. Стрелец на двата гола беше Анхел Кореа, во 28 и во 53 минута.

Хетафе успеа по 2007 година да му го нанесе првиот пораз на Реал Мадрид на почетокот од годината, а стрелец беше Енес Унал во 9 минута. Ова е првиот триумф на Хетафе над Реал по 16 меѓусебни дуело.

Реал води на табелата со 46 бодови, Севилја има осум бодови помалку а Реал Бетис 33 бодови, но и двата тима имаат по два меча помалку. Атлетико Мадрид скокна на четвертото место со 32 бода, а Барселона е петта со 31 бод, и двата тима со меч помалку од Реал.

РЕЗУЛТАТИ:
Хетафе – Реал Мадрид 1:0
Атлетико М. – Рајо Валјекано 2:0
Елче – Гранада 0:0
Алавес – Реал Сосиедад 1:1
Реал Бетис – Селта 0:2
Мајорка – Барселона 0:1

Во понеделник:
Виљареал – Леванте
Осасуна – Атлетик Билбао
Кадиз – Севиља