Примера: Валенсија подобра од Виљареал, Рајо ја прекина низата без победи и погодок

Фудбалерите на Валенсија на својата „Местаља“ го совладаа Виљареал со 3:1 (2:0) во последниот натпревар од програмата во вторникот во рамките на 19. коло во шпанското првенство.

Веќе во 4. минута Украинецот Роман Јаремчук им донесе радост на навивачите на Валенсија со гол за раното водство. Пепел го удвои во 27. минута со прецизно изведен удар од белата точка. Истиот играч ја презеде улогата на изведувач на најстрогата казана и во 57. минута и донесе три гола предност на Валенсија. Жерар Морено во 73. минута го искористи малото опуштање на домашните фудбалери и постигна утешен гол за Виљареал и за конечните 3:1.

Валенсија се најде на деветтото место со 26 бодови, исто колку и осмопласираниот Хетафе. Виљареал е на 13. позиција со 19 бодови.

Реал Сосиедад одигра 1:1 против Алавес пред своите гледачи. Во 36. минута домашните останаа со играч помалку, бидејќи голманот Алехандро Ремиро доби директен црвен картон поради играње со рака надвор од шеснаесетникот. Бројната предност гостите ја искористија во 76. минута, кога Луис Риоха беше прецизен од пенал. Алавес имаше три бода в џеб до шестата минута од судиското продолжение, кога Мартин Зубименди погоди за конечните 1:1 и му донесе бод на Реал Сосиедад.

Баскискиот тим остана на шестата позиција со 32 бода, додека Алавес привремено ја прескокна Севиља со 17 бодови и се најде на 15. место.

Во малото мадридско дерби, Рајо Ваљекано како гостин го совлада Хетафе со 2:0. Впрочем и двете екипи беа на „гостински терен“, бидејќи Хетафе поради казната мораше да го „затвори“ својот „Колосеум“ на еден официјален натпревар, па домаќин беше на стадионот „Метрополитано“ каде Атлетико Мадрид ги игра домашните натпревари.

Рајо Ваљекано ја прекина серијата од четири натпревари без гол и победа, благодарение на головите на Серхио Камело во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме и во втората минута од вториот дел.

Покрај бодовите, Хетафе загуби и тројца играчи за најмалку еден нареден натпревар, бидејќи Хуан Латаса беше исклучен во 40. минута поради два жолти картона, Мејсон Гринвуд доби директен црвен картон во 50. минута поради навреда на судијата, а Демијан Суарез во 70. минута откако претходно доби жолт картон и беше заменет, заработи и црвен за неспортско однесување.

Рајо Ваљекано ја постигна петтата првенствена победа, но со 23 бода сѐ уште е на 11-та позиција.

Лидерите Реал Мадрид и Жирона имаат по 45 бодови, а потоа следат Атлетико Мадрид и Барселона со по 38 бодови.

Во среда се закажани четири натпревари од 19. коло: Гранада – Кадиз (17:00 часот), Селта Виго – Бетис (19:15 часот), Реал Мадрид – Мајорка (19:15 часот) и Жирона – Атлетико Мадрид (9. 30 часот).