Кетрин Мидлтон, британската принцеза од Велс, во петокот рече дека добро закрепнува, но „сè уште не се извлекла“, пред нејзиното прво официјално појавување во јавноста бнајавено за саботата откако ѝбеше дијагностициран рак.
Во писмената порака објавена во петокот, Кејт вели дека е „изненадена“ од илјадниците пораки со добра желба што ги добила од луѓе ширум светот откако во март годинава објави дека боледува од рак. Порача дека тоа значи многу за неа и за нејзиниот сопруг, принцот Вилијам.
„Добро напредувам, но како што знаат сите кои минуваат низ хемотерапија, има добри и лоши денови. Кога имате лоши денови, се чувствувате слаби, уморни и треба да се одморите. Но, кога тие се добри, кога се чувствувате посилни, сакате да го искористите максимумот од тоа што се чувствувате добро”, напиша Кејт.
Чувствувајќи се подобро, 42-годишната Кејт ќе може официјално да се појави во јавноста првпат од декември кога присуствуваше на божикната миса со кралското семејство.
Кејт со трите деца Џорџ, Луис и Шарлот ќе се појави во јавноста во кочија по повод воената парада во Лондон „Trooping the Color“ организирана за роденденот на кралот. Тие, исто така, ќе им се придружат на кралот Чарлс, кралицата Камила и другите членови на семејството на балконот на Бакингенскиот дворец, најважниот момент на настанот.
Но, тоа не значи дека наскоро ќе се врати на сите свои обврски.
„Моето лекување е сè уште во тек и ќе продолжи уште неколку месеци. Со нетрпение очекувам да учествувам во роденденската парада на кралот овој викенд со моето семејство и се надевам дека ќе се приклучам на уште неколку јавни настани ова лето, но исто така знам дека сè уште не сум надвор од неа“, напиша Кејт.
Во јануари, Кејт помина две седмици во болница по сериозна операција на абдоменот, а два месеца подоцна во видео порака објави дека тестовите покажале дека има рак и дека ќе оди на превентивна хемотерапија. Не е познато од каков вид рак боледува.
Кејт пишува и дека кога се чувствува добро им помага на децата со училишните задачи, прави работи кои ѝ даваат енергија и дека почнала да работи од дома и имала неколку состаноци.
„Учам како да бидам трпелива, особено во справувањето со неизвесноста. Да се живее ден за ден, да се слуша своето тело и да си дозволам да одвојам време што ми е потребно за да заздравам“, додава војвотката од Велс.
Нејзината болест се совпадна со болеста на кралот. Тој, исто така, се лекува од рак. Кралот Чарлс Трети се врати на јавните обврски во април, но на ограничена основа за да не го загрози неговото закрепнување.