Принцот Хари пристигна во Лондон по веста за болеста на неговиот татко, Британците се надеваат на помирување 

Принцот Хари пристигна во Лондон во вторникот за да го посети својот татко, британскиот крал Чарлс Трети, помалку од 24 часа откако беше објавено дека монархот боледува од рак.

Британските медиуми пишуваат дека тој долетал од Калифорнија порано во вторникот, а при пристигнавањето во Кларенс Хаус, каде што сега живее неговиот татко, бил фотографиран од бројни фотографи.

По 17 месеци на тронот, кралот Чарлс Трети, кој во понеделникот беше подложен на првото лекување, ќе отсуствува од јавниот живот на неопределено време. Желбите за брзо закрепнување се слеваат од целиот свет откако оваа објава предизвика бран шокирање низ Обединетото Кралство. Премиерот Риши Сунак се обиде да ја увери нацијата, изјавувајќи за јавниот радиодифузер BBB, дека ракот од кој боледува 75-годишниот монарх е „рано откриен“.

„Ние сме во редовен контакт и ќе ја продолжиме комуникацијата како и досега“, рече Сунак кој разговара со кралот секоја седмица.

Типот на рак од кој боледува Чарлс не е објавен. Познато е дека болеста е откриена на крајот од јануари при операција за бенигна хипертрофија на простатата и дека не се работи за рак на простата.

 

Кралот е оптимист

По првиот медицински третман, кралот ја поминал ноќта во својот дом Кларенс Хаус, пренесуваат британските медиуми и пишуваат дека кралот е „многу оптимист“ во врска со болеста. Најави и дека ќе продолжи да врши „државни и административни должности“.

Болеста на Чарсл Трети повторно ја турка монархијата во неизвесност само една ипол година по смртта на Елизабета Втора и повеќе од 70-те години од нејзиното владеење.

Ова е особено изразено доколку се земе предвид фактот дека една од најомилените личности од кралското семејство, принцезата Кејт односно Кетрин Мидлтон, сопруга на принцот Вилијам, мора долго време да закрепнува по мистериозната операција на абдоменот извршена во јануари, која ја задржа во болница за речиси две седмици. Таа не се појавува во јавноста од католички Божик, а нејзиното враќање се очекува дури за Велигден, кој годинава во западниот свет ќе се прославува кон крајот на март.

 

Помирување?

Оттаму, сега главно на 76-годишната кралица сопруга Камила и на принцот Вилијам, 41-годишниот наследник на престолот, останува да ја претставуваат монархијата.

Денешното доаѓање во Лондон на принцот Хари уште еднаш ги зголеми надежите на Британците за помирување меѓу војводата од Сасекс, кој замина во Америка во 2020 година, и остатокот од кралското семејство, особено неговиот брат Вилијам.

Како што пренесуваат британските медиуми, планирано е Хари да допатува во Лондон сам, без сопругата Меган Маркл и нивните две деца Арчи и Лилибет.

Како и по операцијата за бениген проблем со простатата, кралот Чарлс реши да не ја крие својата болест од јавноста, спротивно на тајноста карактеристична за здравствените проблеми на претходните британски владетели. Сепак, Дворецот не објави поединости за болеста.

Како што изгледа сега, абдикацијата е малку веројатна, бидејќи Чарлс Трети, како и неговата мајка Елизабета Втора, вети дека во „целиот свој живот, било да е долг или краток, ќе биде подреден на служење на народот“.