Принцот Вилијам, кој е прв во редот за наследство на британскиот престол, ќе преземе дел од задолженијата на неговиот татко, кралот Чарлс, на кого му беше дијагностициран рак.
Војводата од Велс привремено се повлече од своите кралски задолженија пред три недели за да се грижи за сопругата и трите деца откако војвотката Кејт имаше операција на стомакот. Кралот Чарлс, кој веќе почнал со редовни третмани, ќе продолжи да учествува на состаноци на тајниот совет, но сѐ уште се разработува како тие ќе се спроведуваат.
Бакингамската палата не откри за каков тип на рак станува збор, освен дека не е рак на простата, иако болеста му била откриена при неодамнешното лекување на проширена простата.
Британскиор премиер Риши Сунак изјави дека ракот бил откриен во рана фаза.
„Како и сите други, и јас ја примив веста со шок и тага, но, за среќа, рано е откриено“, изјави Сунак.
Чарлс (75) помина три ноќи во приватна лондонска болница откако беше подложен на процедура за проширена простата пред повеќе од една недела. Од палатата тогаш кажаа дека тој решил да излезе во јавност за своите здравствени проблеми со цел да охрабри други мажи да се проверат.