-Дуализмот е присутен во Клиничкиот центар во Скопје. Таму има врзани потписи и економски директори и тоа е една конфузија што буквално на никој не му е јасна. Затоа ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да го врати стариот начин на функционирање на Клиничкиот центар, односно еден Клинички центар, да нема ваков тип на дуализам. И тоа е коалициски договор, услов. Кој сака да пристапи на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ мора ова да го прифати, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната дебата „Здравствена платформа за иднина“ на тема „Концепт за здравство“.
-Се сеќавате во минатото кога тогашниот министер за здравство Венко Филипче ја обвинуваше опозицијата за опструкции и кочење, но како поминуваше време цената на чинење за нов Клинички центар од оној почетен проект за кој имаше договор, изведувач и обезбедени средства во рамките на Клиничкиот центар Мајка Тереза, па се до овој последниот, разликата беше од 110, 115 милиони евра па се до половина милијарда трошоци што дополнително ќе растеа, бидејќи не беше инфраструктурата предвидена. Па сега вака, кога ќе правите програма, ако сте како некои естрадни политичари кои за жал овде кај нас во Македонија ги има, кажуваат тоа што луѓето сакаат да слушнат. Има еден таков политичар кој се што сака да слушнете, ќе каже. Понекогаш ќе навреди, ќе користи некој речник кој не е доличен за академски сограѓани, но тоа е реалноста на политичката сцена, изјави Мицкоски и додаде:
-Сакам да знаете дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сработи нов Клинички центар, но не можеме да кажеме колку тоа ќе чини бидејќи зависи од фискалниот услов и да, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши Клиничката болница овде во Штип. Тоа сигурно ви го кажувам. Ние се трудиме да водиме државна политика.