Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи поднесе до Основното јавно обвинителство Скопје, кривична пријава против 24-годишната М.С. од Волково, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп”, казниво по член 357 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Пријавената, вработена во Министерството за одбрана, од друго лице, исто така, вработен во Министерството за одбрана, побарала и примила поткуп во износ од 2.400 евра за да му среди да биде избран на курсот за офицери кој бил објавен во март 2023 година. По објавување на ранг листата, каде оштетеното лице не било добро рангирано, пријавената остварила контакт со него и му ветила дека може да му помогне да ги исполни условити од конкурсот, но за возврат ќе треба да ѝ ги даде парите кои наводно биле за трето лице кое ќе посредувало за неговото унапредување“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од полицијaта додаваат дека вработената била лишена од слобода во петокот во Скопје веднаш откако ги земала парите од лицето и во координација со јавен обвинител ѝ е поднесена пријавата. Од страна на судија на претходна постапка на определена ѝ е мерка 30 дена домашен притвор со забрана на комуникација.
Претходно беше потврдено дека со заедничко дејствување, припадниците на Службата за воена безбедност и разузнавање при Министерство за одбрана и Министерство за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство во петокот привеле припадничка на македонската Армија за вршење кривично дело поткуп.
„Вработената, служејќи се со лаги и манипулации уценувала кандидат пријавен на оглас да ѝ даде 3.000 евра за да биде примен. Кандидатот е успешен и секако ќе беше примен, а лакомата вработена е лишена од слобода, ќе го изгуби работното место и ќе биде кривично гонета исто како и нејзините соучесници. Ова нека биде порака за сите: за криминалот нема место во Армијата!“, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска на својот фејсбук профил.
Министерката ги охрабрува сите припадници на ресорот и војската, како и засегнатите, да ги пријавуваат ваквите случаи.
„Криминалот и корупцијата ќе добијат жесток и бескомпромисен одговор“, напиша Петровска.