Припитомувањето на кучињата довело до промена на бојата на очите

Припитомувањето на кучињата влијаело на промената на бојата на очите на овие четириножни миленичиња, кои се многу посветли кај нивните роднини – волците, а еволуцијата ги обдарила кучињата со повеќе кафени очи, кои се попривлечни и помалку опасни за луѓето, според научници од јапонскиот универзитет Теикио.

„Бојата на ирисот кај кучињата е многу потемна отколку кај волците, а оваа поматна боја има позитивно влијание врз перцепцијата на луѓето за кучињата“, се вели во студијата на универзитетскиот оддел за студии за животни, објавена во списанието Royal Society Open Science.

Луѓето природно ги избирале кучињата со потемни очи, а овој селективен притисок ги фаворизирал животните чии очи биле перцепирани како „пријателски и младешки“, се вели во студијата.

Припитомувањето на кучињата, кои потекнуваат од сивиот волк, започна постепено помеѓу 50.000 и 15.000 години. Но, зошто потемниот ирис би го направил кучето подопадливо на луѓето?

Истражувачите се потпираат на студии кои покажале дека проширената зеница е поврзана со повеќе позитивни емоции отколку стеснетата зеница. Широката зеница е, исто така, несвесно поврзана со помладо суштество, па затоа е поранливо и безопасно. Како и кај децата чијашто големина на зеницата се намалува со возраста.

Кога ирисот на кучето е многу темен и затоа не се разликува од зеницата, луѓето имаат впечаток дека гледаат многу голема зеница. Според студијата, кучето со темен ирис би се сметало за „слабо и има потреба од заштита“.

Истражувачите ја тестирале својата теорија така што на луѓето им презентирале слики од дванаесет кучиња, едното со темни очи, а другото со светли очи. Од учесниците било побарано да ја карактеризираат личноста на секое животно како повеќе или помалку пријателска и повеќе или помалку младешка. Тие, исто така, беа прашани дали би сакале да комуницираат со секое куче или дури и да го вдомат.

„Сликите на кучиња со темни очи беа перципирани како попријатни и помлади“, се заклучува во истражувањето.

Истражувачите од Универзитетот Теикио ги признаваат ограничувањата на нивната студија, велат дека можеби претпочитаме кучиња со темни очи само затоа што ги има повеќе и сме навикнати на нив.