За четири месеци ќе биде готова новата градинка во Припор, прва во овој дел од општината. Екипите на фирмата изведувач „Инком Инженеринг” интензивно работат на реконструкцијата и адаптацијата на двете постоечки простории и изградбата на сосема нов дел во подрачното основно училиште „Круме Кепески” во кои треба да функционира градинката. Објектот ќе обезбеди модерни, безбедни и здрави услови за згрижување на дечињата и нивна едукација.
Ќе функционираат три групи од кои едната е јасли, а идејното решение, изработено од општината, опфаќа и креативни работилници, дистрибутивна кујна и перална.
По завршувањето на изградбата, комплетно ќе се реконструира дотраениот покрив на училиштето и со тоа ќе бидат надминати проблемите со протекување. Исто така, фасадата ќе биде заменета со нова, енергетски ефикасна, со што ќе се зголеми изолацијата на објектот. Се работи за комплетна инвестиција на општина Кисела Вода во вредност од 12 милиони денари.
Отворањето на овој капацитет е едно од најголемите барања на родителите од Припор, кои досега своите деца мораа да ги носат во градинките во централниот дел на Кисела Вода. Тоа пак, значи надминување на сообраќајниот метеж, непотребното губење на време и зголемените трошоци за превоз.