Приштина им порача на косовските Срби: Имате осум месеци за да ги смените пасошите

Властите во Приштина, откако Европскиот парламент се согласи за визна либерализација со Косово, им порачаа на косовските Срби кои имаат пасоши издадени во Србија дека во следните осум месеци можат да ги заменат со косовски документи.

Европскиот парламент вчера го поддржа договорот меѓу Европската унија и Косово за укинување на краткорочните визи, со кои на граѓаните на Косово ќе им се овозможи да патуваат во ЕУ, а на граѓаните на земјите членки на Унијата во Косово без визи за период до 90 дена.

Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими денеска изјави дека, по потпишувањето на актот за визна либерализација, сите носители на пасоши издадени во Србија имаат рок од осум месеци да добијат „редовни косовски документи“, објави косовскиот онлајн портал. „Белград не е во Косово. Кој има пасош издаден во Белград, се надевам дека ќе го искористи рокот од осум месеци да го смени“, рече Бислими.

Тој вети дека владата на Косово ќе направи сѐ за да го забрза тој процес и дека до 1 јануари следната година „сите граѓани на Косово ќе имаат легален и валиден пасош“. Холандскиот претставник на ЕП и автор на Договорот за визна либерализација Тијс Ројтен истакна дека Косово како последна земја од Западен Балкан се приклучи на безвизниот режим.

На прашањето дали косовските Срби кои имаат пасоши издадени во Србија, која исто така е во режим на визна либерализација, и по одлуката за визна либерализација меѓу ЕУ и Косово, сепак можат слободно да патуваат со тие документи, Ројтен рече дека не можат.

„Одлуката беше многу внимателно формулирана. Граѓаните на Косово со косовски документи ќе можат слободно да патуваат“, објасни холандскиот претставник од Групата на прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент.

Визната либерализација ќе стапи на сила кога ќе се воспостави Европскиот систем за информации и овластувања за патување, а најдоцна до 1 јануари 2024 година. Србија не ја признава независноста што Косово ја прогласи во 2008 година и, според одредбите на државниот Устав, го смета за своја територија.

Освен пасоши и други документи, властите во Србија им издаваат и регистарски таблички на косовските Срби, кои во претходните месеци беа причина за една од честите кризи на релација Белград-Приштина.