Косовската влада синоќа усвои низа мерки кои подразбираат забрана за увоз на производи од Србија ако на стоката и пропратните документи не е назначено „Република Косово“.
Според таа одлука претпријатијата од Србија мора да обезбедат влезна дозвола за секое возило со стока кое влегува на Косово, а барањето за дозвола се поднесува во Канцеларијата за врска на Приштина во Србија. Директорот на Канцеларијата на Косово и Метохија во српската влада, Марко Ѓуриќ, наведе дека тоа е истовремено напад врз европските вредности и материјалната егзистенција и на Албанците и на Србите.
Тој кажа дека одлуката за трговска блокада, „односно новата целосна забрана за српската стока, претставува ескалацја на војната со здравиот разум која со месеци се води од Приштина“, порача Ѓуриќ во соопштение.
Побара итни меѓународни санкции против Приштина поради „ваквата нелегална постапка, спротивна на сите домашни и меѓународни норми“.
„Уверен сум дека политиката на царини, блокади и шовинистички бариери кои ги погодуваат и обичните граѓани и економијата наскоро ќе стане дел од минатото“, заклучи Ѓуриќ.
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ кажа дека за Србија чинот на Приштина е неприфатлив.
„Тоа се мерки на реципроцитет, што можеби ни граѓаните на Србија ни меѓународната заедница не го препознаа како уште полоша мерка од царините, кои ја дуплираа цената на стоката, ама барем минуваше. Оваа влада во Приштина донесе одлука да се воведат мерки на реципроцитет, што од страна на некои земји е поздравено како чекор напред. Ние веднаш кажавме дека тоа е неприфатливо“, кажа Дачиќ.