Пристанишните работници во Грција почнуваат 48-часовни штрајкови

Пристанишните работници во Грција почнуваат 48-часовни штрајкови
Пристанишните работници во Грција почнуваат 48-часовни штрајкови
Пристанишните работници во Грција денеска почнуваат 48-часовни поврзани штрајкови во знак на протест против продажбата на двете најголеми пристаништа во земјата. Атина оваа продажба им ја вети на меѓународните кредитори во замена за толку потребните спасувачки заеми, информираат грчките медиуми, пренесува МИА.

Штрајкувачите, кои досега  повеќепати излегуваа на улиците бидејќи стравуваат од кастрења на своите работни места, се закануваат дека штрајкови ќе следат и во сите пристаништа во земјата.

Тие потсетуваат дека во 2014 година тогашната Влада на премиерот Андонис Самарас почна со распродажбата на 67 отсто од акциите на двете пристаништа, во Пиреја и во Солун, најавена уште во 2009 година со давањето концесија на два оддела на пристаништето Пиреја на кинескиот гигант КОСКО, што доведе, според нив, до воведување на средновековни работни односи.

Сегашната коалициска Влада, составена од СИРИЗА и Независни Грци, ги продолжи тендерите за распродажба на 67 отсто од акциите на двете пристаништа во Пиреја и во Солун, и покрај преземените предизборни и постизборни обврски, дека до тоа нема да дојде.

„Последниот предлог закон, што беше изгласан од Парламентот, ги докажува нашите основани стравувања и сега целото богатство на земјата е прогласено за продажба“, се наведува во соопштението на пристанишните работници, во кое се искажува решеноста за продолжување на борбата.

Приватизациите, клучниот услов во спасувачките програми на Грција од 2010 година до сега, генерираа само мал дел од првичната цел од 50 милијарди евра и наидоа на силен отпор од страна на синдикатите.