Во поликлиниката „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром пристигна донацијаtта од 100.000 вакцини против коронавирусот на кинескиот производител „Sinopharm“
На приемот на донацијата присуствуваа министрите за здравство и за одбрана, Венко Филипче и Радмила Шекеринска, како и кинескиот амбасадор Џанг Ѕу. Според Филипче и Шекеринска, ова е вистинска помош во вистинско време.
„Ова е значајна количина вакцини која за бројот на население како нашето значително може да ја смени епидемиолошката слика. Со донацијата се потврдува партнерството меѓу двете земји. Се надевам дека соработката ќе продолжи“, истакна министерот за здравство.
Нагласи дека имунизацијата во земјава ќе продолжи по приоритет, согласно возраста на граѓаните.
„Вакцинацијата е единственото оружје“, повтори Филипче.
Министерката Шекеринска рече дека помошта доаѓа во вистинско време.
„Ова е вистинска помош во вистинско време и ќе ни даде шанса да продолжине со вакцинацијата на припадниците на Армијата, но вакцини ќе бидат отстапени и за јавното здравство, како и за граѓаните’, напомена Шекеринска.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕу рече дека ова е уште една конкретна акција за помош на македонските граѓани и демонстрирање на духот на протјателство. Кина, како што додаде амбасадорот Ѕу, е подготвена да го поддржи македонскиот народ во ова време на пандемија.
Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државата.
На крајот на април во Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Sinopharm“ што Владата ги набави од производителот, а најавени се и 500.000 вакцини „Sinovac“.