Притвор од 30 дена доби осомничениот за убиството во Македонски Брод

Притвор од 30 дена му е одреден на Д.Д.(21) кој се сомничи дека извршил убиство со умисла со ловечка пушка. Случајот кој вчера одекна во медиумите опфаќа петмина другари кои биле на лов, а потоа дошле во куќа во селото Калуѓерец (Македонски Брод) каде што околу 23 часот на 16 јули  Т.Т.(63) пријавил дека починал Д.С.(31), инаку, поранешен професионален војник во АРМ.

Полицијата првично уапси четворица осомничени, а првата вест беше дека инцидентот се случил во додека едно од лицата ја чистело пушката по ловот.

„Од здобиените повреди Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош“, се вели во полициското соопштение. Телото било предадено на обдукција.

Подоцна, според извештајот на кичевското Основнот Јавно обвинителство (ОЈО) станува збор за вербална расправија од приватна природа. Обвинителството нареди да се поведе истражна постапка за убиство со умисла по по член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Притворот Д.Д.(21) ќе го издржува во Казнено-поправната установа Затвор Битола. На 16.07.2024 полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола го спровеле лицето до ОЈО Кичево.