Притвор за 15 дилери на дрога и оружје

Притвор од 30 дена им одреди доцна синоќа Скопскиот суд на 14 од осомничените за шверц на дрога во Сингелиќ и Арачиново, а на едно лице му е одреден куќен притвор поради здравствени причини.

Исто така, денеска ќе им биде определен притвор за трите осомничени лица кои се недостапни за органите на прогонот. Тие ќе одат во притвор штом бидат пронајдени.

Според Обвинителството, под истрага се вкупно 18 лица кои се сомничат дека ја набавувале дрогата од Албанија и од Косово, а ја криеле во Сингелиќ и во Арачиново. Двајца од осомничените се сопственик и управител на стрелиште и нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето.

Полицијата во големата акција претресе 27 локации во Скопје. На повеќе места беа пронајдени и одземени кокаин и марихуана кои се предмет на вештачење, муниција, пиштол, патнички моторни возила, поголема сума девизи и денари, мобилни телефони.