Напаѓачите кои на почетокот на месецов ограбија и убија старец во Ротино се притворени. Основното Јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка за две лица осомничени за разбојништво во село Ротино, по кое оштетеното лице им подлегна на повредите.
Како што информираат од Обвинителството,осомничените се гонат за дело кое го сториле на 02.07.2015 година во 03,45 часот, во село Ротино, кога првоосомничениот, триесет и седум годишен битолчанец, маскиран со фантомка и хируршки ракавици, провалил во куќата на оштетениот – сега покојно лице.
Со употреба на сила првоосомничениот го нападнал оштетениот држејќи во едната рака дрвен стап, а во другата нож, удирајќи го повеќе пати со дрвениот стап по целото тело и нанесувајќи му повеќе телесни повреди, се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму, информираат дека осомничениот од куќата на убиениот старец одзел 22.000 денари.
Второосомничениот, е педесет и три годишен битолчанец, а се гони дека со умисла му помогнал на првоосомничениот во извршување на кривично дело Разбојништво. Тој однапред му ветил на првоосомниченииот, прикривање на кривичното дело по што го примил во својот дом и во СВР Битола дал исказ дека првообвинетиот во периодот од први до втори месецов од 21,00 до 08,00 часот бил кај него дома.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител до судијата на предходна постапка во Основниот суд Битола, за двајцата осомничени предложи донесување на мерка Притвор. Предлогот беше прифатен, по што надлежниот суд со Решение определи мерка притвор за осомничените.
Павле Трајчевски (78) од битолското село Ротино почина од тешки телесни повреди откако беше нападнат од разбојник кој влегол во неговиот дом со цел да му украде пари.