Притвор за седумина оосомничени за шверцот со артефакти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 македонски државјани осомничени за кривично дело Злосторничко здружување.

Покрај ова, осомничените сториле и други кривични дела и тоа: шестмина се сомничат и за изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости , на 11 осомничени им се става на товар и кривичното дело присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости , шест лица од осомничените се теретат и за кривично дело прикривање, а три лица и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, велат од ОЈО.

Според обвинителството, добро организираната криминална група, со однапред договорени задачи за секој од припадниците, дејствувала во периодот од втората половина на 2017 година до завчера. Осомничените биле во постојана комуникација разменувајќи информации за позиционираност на археолошки локалитети на различни локации што содржат недвижни добра под привремена заштита односно културно наследство низ целата територија на Македонија. Информациите меѓусебно ги споделувале и заедно или самостојно, заминувале на археолошките локалитети каде што вршеле мерења на теренот, а потоа користејќи детектори за метал, самите или со други лица, вршеле илегални ископувања.

Пронајдените археолошки предмети ги присвојувале и држеле во сопствените домови или ги прикривале кај непознати припадници од групата и преку социјалните мрежи или во директни контакти со непознати купувачи од земјата и странство ги нудела на продажба и ги изнесувала надвор од земјава без дозвола од надлежен орган. Со ваквата постапка предметите трајно ги отуѓувале и на тој начин предизвикале непроценлива материјална штета за Македонија. При претрес на домовите на осомничените пронајдени се предмети под привремена заштита, односно културно наследство со непроценлива вредност сопственост на Република Македонија како и природни реткости прибавени со кривично дело и истите се предадени на идентификација, велат од ОЈО.

Надлежниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за седум лица и мерки за обезбедување присуство за еден од осомничените кој е во бегство. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на седуммината осомничени им изрече мерка притвор во траење од 30 дена, а за едно лице изрече мерки за обезбедување присуство.​