Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага со донесување на наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
При рутинска контрола на возило марка „БМВ“ на 15.09. 2018 година во 15 часот, на булевар Александар Македонски во Скопје, пронајдено е оружје и тоа пиштол, 43 куршуми од 9 милиметри и 15 куршуми од 7,6 милиметри. Возилото го управувал осомничениот, педесет и тригодишен жител на Скопје. По барање на јавен обвинител и одобрување од надлежниот суд, извршен е претрес на домот на осомничениот каде се пронајдени парчиња опрема, маскирни униформи со лого на организацијата „Христијанско братство“ , фантомки, ножеви, комплет униформа со маскирна шара, футрола за рамки за пушка, нож- Бодеж, двоглед и друга опрема, велат од ОЈО.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ценеше дека се исполнети законските основи за определување на мерката притвор за осомниченото лице, за што до судот достави предлог. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во времетраење од 30 дена.