Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик. Судот на осомниченото лице му одреди мерка притвор.
Осомничениот наставник, на 29 јануари, во училиште во селото Чегране, извршил полови дејствија врз ученичка на возраст од 9 години. Тој за време на паузата за одмор ја повикал оштетената да оди кај него во училницата, ја допирал и ја бакнувал, при што со мобилниот телефон направил заедничка фотографија со девојчето. Кога оштетената малолетничка излегла од училницата, осомничениот и кажал дека повторно ќе ја повика, соопшти ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност тој да го повтори делото или да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците. Судот го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.