Притворените за Крвавиот четврток ќе штрајкуваат со глад

Дел од петмината притворени обвинети за насилството во Собрание ќе штрајкуваат со глад, дознава „Нетпрес“. Митко Чавков, кој има проблеми со срцето, одбивал да ја прима дури и лекарската терапија.

Тие се револтирани од одлуката на Кривичниот суд да го уважи барањето на ОЈО да се вратат во притвор, иако завчера со одлука на Врховниот суд беа ослободени и пуштени во куќен притвор.

За сега нема официјална потврда за штрајкот. Претходно адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, еден од бранителите на обвинетите, рече дека Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието.

– Обвинителството е привилигирано во постапката бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите. Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР- рече  Давидовиќ.

Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапуваќи со двојни аршини, бидејќи  правниците учат дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор, а трипати понизок суд донесува спротивна одлука.

-Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права.  ОЈО e привилигирано во конкретниот случај, но и во сите постапки- коментира Давидовиќ велејќи дека и Стразбур упатил критика за прекршувањето на човековите права и слободи.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека ништо не е сменето во судството и истото сè уште не е на висина на задачата, а тоа се гледало со повторувањето на истата приказна, како во случајот „Фаланга“, но и многу други предмети.